Профил на општината

Како посебна единица на локалната самоуправа, Општина Илинден е формирана во 1996 година. Територијата што ја опфаќа Општина Илинден претходно била во состав на скопската општина Гази Баба.
Вкупната површина на Општината е 97, 02 км², а според последниот попис на населението извршен во 2002 година, на територијата на Општината живеат 15.894 жители.
Општина Илинден има свое знаме и грб, кои се донесени со самото формирање на оваа Општина.

Општина Илинден се наоѓа во непосредна близина на Скопје, поточно на 10 км од потесното градско подрачје, а го зафаќа источниот дел на Скопската котлина, на тромеѓата Скопје-Куманово-Велес. Седиштето на Општината се наоѓа во н.м. Илинден.
Од запад се граничи со општина Гази Баба, од северозапад со општина Арачиново,  од север-североисток со Куманово, а од исток и југ со општина Петровец.

Има многу добра сообраќајна поврзаност, бидејќи преку нејзината територија минуваат делниците М-1, М-3 и М-4 од меѓународните автопати и тоа: коридорот 10 (Е-75) СЕВЕР-ЈУГ и коридорот 8 (Е-65) ИСТОК-ЗАПАД; железничката линија Белград-Скопје-Атина и меѓународниот аеродром “Скопје”.

Територијата на Општина Илинден се наоѓа меѓу 230 и 550 м.н.в. Во основа има рамничарска морфологија на теренот што претставува 80% од површината, а со 20% е застапен мал ридест дел во северната и источната област.
Од геолошка гледна точка, застапени се претежно делувијални почви настанати со ерозија и транспортирање на матичниот субстрат на почвата од повисоките ридски предели, со помош на површинските води и водотеци настанати од поројни врнежи. Почвата најчесто е песокливо-илеста, лесно цедлива, пропустлива, топла и добро аерирана. Содржи низок процент на инертна влажност и е со низок воден капацитет, поради што е подложна на суша. Исто така, застапени се разновидни глини, сивобели лапорци, песоци, слабо врзани песочници, крупно зрнести песоци, глиновити песоци. Просечниот литолошки состав претставува глина со тенки прослојки и млазеви од песокливи и прашнести глини кои се добро збиени и водонепропустливи.

Во состав на Општината Илинден влегуваат 12 населени места и тоа: Илинден, Марино, Кадино, Мралино, Ајватовци, Бунарџик, Миладиновци, Бујковци, Мршевци, Бучинци, Текија и Дељадровци.

Според пописот на населението од 2002 година, вкупниот број жители изнесува 15.894, кои живеат во 4.298 домаќинства или просечно по 3,7 членови во домаќинство. Густината на населеност изнесува 150 жители /км2.

Последните пет години природниот прираст на населението изнесува просечно 1% годишно.

пребарување

ilinden.gov.mk © 2009